За неговиот глас и најстрогата оперска критика не штеди епитети – прецизен, елегантен, светол, луксузен, добро насочен, музикален, никогаш претеран до карикирање на ликовите, толку убав и мазен што некои ги потсетува на кремавиот десерт „маскарпоне“...
Белкантото на нашиот Благој Нацоски никогаш не ја остава рамнодушна ниту најпрефинетата публика, одовде до најдалечните континенти. Тој живее во Италија од 1998 година, но по неговото професионално оперско деби во 2003 во престижната Римска опера (Teatro dell’Opera di Roma), настапува насекаде - во речиси сите оперски куќи во Италија, во Германија, Австрија, Полска, Чешка, Унгарија, Франција, Белгија, Хрватска, Шпанија, Кипар, Швајцарија, но и во Канада, САД, Бразил, Уругвај, Тајланд, Јапонија... Ако Миланската скала на многумина им останува вечен сон, за Благој таа (Миланската скала) годинава стана прекрасна реалност. Отсега улогата на Пинг од операта „Турандот“ вечно ќе биде врежана во неговите најубави сеќавања, но и во аналите на македонската оперска историја.
Прво лице еднина
Имаме слушнато дека малиот Благојче пее арии откако знае за себе. Како оди приказната за ова дете и операта, во прво лице еднина?
Ах, мислам дека таа приказна подобро би можеле да ја раскажат моите родители, или пак, мојата баба, но, еве, ќе се обидам и јас. Потекнувам од семејство кое изобилува со музичари и моите допири со музиката, односно операта, датираат уште пред да се родам. Мајка ми (оперската певица Лидија Нацоска) настапувала во претстави и додека била бремена со мене. Инаку, ми имаат раскажувано дека на двегодишна возраст, моите баба и дедо (тогаш членови на хорот на МОБ) ме качиле на оперската сцена за време на операта „Палјачи“, така што ете и денес се шегувам дека веројатно тоа би било моето „оперско деби”. Значи, пеам од кога знам за себе. Ги знаев, а и сѐ уште ги знам на памет сите улоги на мојата мајка. Дури и се облекував како неа, па ја имитирав и во пеењето и во глумењето. Имам многу случки од детството за раскажување, но ќе ви кажам само уште една. Се сеќавам дека во второ одделение еднаш си потпевнував за време на часот и наставничката ми рече да не пеам тука туку да одам и да пеам надвор. Јас, дете како дете, ја сфатив буквално и спокојно излегов да продолжам да си пеам во ходникот на училиштето. За миг излегоа сите од околните училници за да видат што се случува, така што мене ми се случи и првото „концертно деби“.
Рано покажаниот талент не значи секогаш и професионална определба. Каков беше вашиот пат до елитното европско и светско оперско семејство? За многумина до оперската Мека, Италија, се стасува по пат кој води низ многу земји, но за вас таа како да беше судбински предодредена. Вие токму оттаму целевте кон останатите оперски дестинации.
За време на моите средношколски денови во музичкото училиште во Скопје не знаев каде точно ќе го продолжам моето натамошно образование, но со сигурност знаев дека тоа ќе биде во странство. Во таа смисла, од пресудно значење беше една битолска средба со двајца италијански професори, кои веднаш во рамките на својата оперска мајсторска школа ме ставија на „испит“. Ми зададоа за само два дена да подготвам една, за мене, непозната арија и да ја исполнам на закажаниот финален концерт. За среќа, добро се снајдов во овој голем предизвик и се случи онаа заемна професионална „љубов на прв поглед”. Така заминав во Рим каде го школував гласот со светски познатите педагози Мирела Паруто и Антонио Боаје и во 2003 се здобив со дипломата од конзерваториумот „Личинио Рефиче“ во Фрозиноне. Но, со тоа не сопре наобразбата, па вокалната техника ја усовршував и со Ана Ванди во Рим, со специјалистот за тенорските улоги во оперите на Росини, Раул Хименез во Барселона, како и со Силвија Боса во Фиренца.
„Гром од ведро небо“ или сепак..
Ако Италија ви се случи веднаш, за Миланската скала требаше да чекате повеќе од една декада. Требаше ли тоа да биде порано или токму годинава беше вистинското време?
Поминаа токму 12 години од моето римско деби до дебито во Милано, односно во престижната „Ла Скала“. Само малку требаше тоа да се случи уште пред точно 10 години (во октомври 2005), но од денешна дистанца сум убеден дека е подобро што се случи оваа година. Тогаш ми беше понудена една главна улога, но како дел од третата поделба. Заради сплет на специфични околности со некои менаџерско-бирократски игри, тоа не се реализира. И подобро, зашто по овие 12 години плодна оперска кариера, се чувствувам многу позрел во интелектуална и уметничка смисла за настап на сцената на оваа престижна и историски важна оперска куќа. Инаку, самата покана за ангажман во операта „Турандот“ во „Скала“ дојде како „гром од ведро небо”, тогаш кога најмалку очекував такво нешто. Тоа не беше обична претстава туку продукција која беше во центарот на вниманието на целиот свет. Беше наменета за свеченото отворање на ЕКСПО 2015, беше првата продукција на маестро Рикардо Шаји откако беше назначен за нов музички директор (шеф-диригент) на „Скала“, целиот настан беше емитуван на националното радио и телевизија, а наскоро се очекува и издавање на операта на ДВД.
Едно е да се гледа од страна, но велат дека тоа возвишено чувство на станување дел од оперската историја може да се почувствува единствено кога сте „лице в лице“ со секое ќоше од овој оперски храм. Вам за кратко време ви успева тоа да го сторите два пати. Добивте ангажман во уште една продуција, веднаш по дебито. Можете ли да ни пренесете макар мал дел од атмосферата за време на вашиот прстој во „Скала“?
Во периодот на пробите и претставите на „Турандот“ како дека живеев во еден друг свет. Во „Скала“ навистина има една уникатна магија која не можете да ја почувствувате во ниеден друг театар во светот. И она што е најбитно, уште кога ќе влезете во театарот сите придонесуваат да се чувствувате како да сте најважната личност на планетава. Ништо не ви недостасува. Имаше моменти на голема возбуда, но едноставно не ве оставаат да пеете лошо. На пример, на првата сценско-оркестарска проба таа возбуда ме попречи да започнам да пеам во моето вистинско светло. Маестро Шаји го запре оркестарот и ми се обрати пред колегите со следниве зборови: „И јас сум нервозен, сите сме нервозни, но ти немаш потреба да бидеш нервозен, зашто си одличен. Улогата ја имаш совршено подготвено и ја пееш прекрасно, така што сега ќе почнеме пак од почеток, а ти само пеј онака како што се договоривме на претходните ансамблови проби”... Круна на овој голем успех за мене беше приоѓањето на кастинг директорот на „Скала“ (меѓу чиновите од третата претстава), кој ми понуди улога во операта „Тоска“, веднаш по завршувањето на сите претстави од продукцијата на „Турандот“.
Спомнавме дека поминаа цели 12 години од дебито во Рим до она во Милано. Но, тие не поминаа како било, туку исполнети со многу настапи, нови откритија, големи успеси. Ќе ви успее ли да ги издвоите најважните улоги кои ја маркираа вашата професионална угорница?
Во февруари навршуваат 13 години од мојата уметничка дејност и досега имам испеано дваесетина главни и повеќе од десетина средни улоги. Би сакал да поминат уште неколку години, односно да испеам уште неколку (главни) улоги пред да донесам заклучок која улога би ја нарекол животна. А статистиката вели дека следниот месец ќе ја испеам мојата десетта продукција на операта „Дон Џовани“, а во декември и 11-тата, што значи дека улогата на Дон Отавио е рекордна во мојата кариера. По неа следува Грофот Алмавива во „Севилскиот бербер“, во ноември во Јужна Кореја ќе го пеам во 8-ма продукција, околу 60 пати досега...
Што понатаму?
Правите ли проекции за деновите од вашата оперската зрелост и професионалниот залез?
Ах, по „Скала“ би можел и да се пензионирам (се шегувам). Во моментов навистина се чувстувам реализирано, како професионално, така и приватно, така што немам некои посебни мечти. Знам дека ќе се вратам повторно во „Скала“ и тоа ме полни со радост. Доколку дојдат понуди од Метрополитен, Ковент Гарден или Париз се разбира дека ќе ги дочекам со радост, но тие не се пресудни во моментов. Откако ќе ја завршам кариерата на изведувач би сакал да раководам со некој театар или со некој музички фестивал, па и да создадам некој. Многумина млади, особено по настапот во „Скала“, ме прашуваат дали би ги подучувал, но засега не би се занимавал со редовно академско предавање, освен во форма на мајсторски курсеви.
Многумина меѓу уметниците сакаат да се пофалат дека се вистинските амбасадори на својата земја, но малкумина се такви како вас кои без престан и во слободното време и надвор од своите официјални настапи лобираат за Македонија. Нема да заборавам дека еднаш за време на еден лет кон Италија зборувавте за македонската историја што натера еден италијански новинар да признае дека имал погрешна слика за нашата земја и тоа да го објави во својот весник...
Јас лично сум добро подготвен што се однесува до историјата, фактите и неправдите кон мојата татковина, така што е тешко некој мене да ме „победи” во однос на тоа прашање. Малкумина знаат дека поседувам ретки документи и извадоци од италијански весници од почетокот на ХХ век каде што се зборува за Македонија, а кои ги откупив од колекционери. Исто така, посветувам и должно внимание на изведбата на домашното творештво и негова афирмација во меѓународни рамки. Едноставно, тоа сум јас, иако понекогаш и самиот се прашувам од каде тој особен активизам кога Македонија не ми возвраќа со истата мерка.
Текст: Б. К.М
Фоотграфии: Е. Николова-Лиере