Со промовирањето на здравиот начин на живот, во светот се’ попопуларна станува вегетаријанската исхрана, а Македонија секако не е исклучок од овој „тренд“.
На оваа тема решивме да поразговараме со Ана Азгоур, која е сопственичка на еден од најпопуларните ресторани за здрава храна во Скопје, „Сурово и Вкусно“.
Колку време постои „Сурово и вкусно“?
Ресторанот постои скоро 1 година, а истоимениот блог постои веќе 3 и пол години.
Како започна приказната со вашиот ресторан – која беше најголемата поттикнувачка сила за да го отворите? Дали верувавте дека ресторан кој нуди веганска храна може толку добро да функционира на ова поднебје?
Идејата за блогот беше резултат на потрагата по информации и рецепти за жива и готвена веганска храна на македонски јазик, кои во тоа време не постоеа. „Сурово и вкусно“ е првиот македонски блог кој содржи рецепти, информативни статии, онлајн програми за исхрана и детоксикација. Отварањето на ресторанот дојде спонтано и беше поттикнато од се` поголемиот број читатели на блогот кои сакаа да ги пробаат рецептите кои ги постирав и сакаа да започнат со ваков тип на исхрана.
Немав никаква претстава дали ваков тип на кујна би функционирал тука, бидејќи Балканците се пред се` љубители на месо и скара, како и на прженици, сирења, кашкавали и слично.
Како на почетокот беше прифатен вашиот концепт од пошироката маса?
Со оглед на тоа дека е прилично нов концепт на нашиве простори, голем број од луѓето дури сега почнуваат да прифаќаат размислувања и да применуваат совети дека храната од растително потекло може да биде лек (или превенција), а сепак да биде вкусна и да ги овозможува сите нутриенти кои ни се потребни.
Кажете ни поконкретно за понудата на храна која излегува од вашата кујна. Дали станува збор за исклучително сурова храна?
Во најголем дел тоа е сурова храна, меѓутоа во некои рецепти има и по некоја состојка која е термички обработена (варена), но сепак е веганска. Нудиме сокови, шејкови, растителни млека, појадоци, главни јадења, салати, десерти, намази и путери, кои се подготвени од свежо овошје и зеленчук, јатки, семки, житарки, мешунки и суперхана. Не користиме рафинирани масла и шеќери, ниту било какви други адитиви, вештачки бои, вкусови, мириси.
Кои специјалитети се најбарани од муштериите?
Чоко-банана торта! J Но веднаш зад неа се и другите десерти. Од главните јадења, најпопуларни се веге-бургерите и комбинациите со киноа. Од намазите – ѕаѕики од индиски ореви, и секако путерот од кикирики или бадеми.
Дали вашите муштерии се исклучително вегани и вегетаријанци или меѓу нив има и други обожаватели на вашата храна?
Мислам дека многу малку се вегетаријанци или вегани. Најголемиот дел се луѓе кои јадат секаков тип на храна, но кои се генерално „освестени“ за тоа што е здрава храна и како таа влијае врз нивната психо-физичка состојба. И секако тука се оние кои не можат да му одолеат на благото, но сепак знаат дека кај нас можат да го конзумираат без чувство на вина.
Дали општата побарувачка за вегетаријанска храна во Македонија расте и дали бројот на вегетаријанци кај нас е голем?
Дефинитивно се зголемува. Но за жал кај многумина главната причина за тоа е некоја веќе постоечка болест, или потреба за детоксикација или прочистување од лекарства и слично, наместо тоа да биде превентивно и со цел да се грижиме за себе и за своето тело.
Дали вие лично сте вегетаријанец?
Јас сум вегетаријанец веќе 10 години, и во најголем дел веган во изминативе неколку години. Сум поминала различни фази на прилагодување на ваквиот тип на храна, и ја чувствувам секоја промена при премин од една во друга фаза. Кога јадам готвена храна почесто се чувствувам изморена и напната, а кога јадам повеќе свежа храна ја чувствувам зголемената енергија и бистрината во умот.
Кои се, според вас, придобивките од вегетаријанската исхрана и дали сметате дека потребните материи од месото навистина можат да се надоместат со внес на храна од растително потекло?
Исклучувањето на месото и млечните производи од исхраната значи избегнување на хормоните и антибиотиците со кои се напумпани овие производи, како и избегнување на касеинот и лактозата кои се причина за појава на алергии и нетолерантност кај се` поголем број луѓе.
Храната од растително потекло, а особено онаа со минимална или без никаква термичка обработка во себе ги содржи во изобилство сите витамини, минерали, протеини и јаглехидрати кои му се потребни на нашиот организам. Сите нутриенти за кои генерално се смета дека можат да се внесат само преку месото ги има во јатките, семките, мешунките, природниот пробиотик (кефир, рејувелак) и слично.
Веганската исхрана значи вистинско хранење на организмот со високонутритивни состојки, онака како што дошле од природата.