Најновиот роман на Гоце Смилевски „Враќањето на зборовите“ е позначаен за нашава книжевност и за нашиов јазик, отколку за самиот автор: Докажан и покажан мајстор на раскажувањето, преведуван и уживан на триесетина јазици. Македонската книжевност и македонскиот јазик сѐ додека вдомуваат ваков раскажувач – нема од што да се плашат и нема зошто да се грижат. Токму затоа и „Враќањето на зборовите“ е поважен настан за сите нас, отколку за авторот: Виза за нашиот мал јазик слободно да патува на која било точка на Книжевната топка.
„Враќањето на зборовите“ излезе непосредно пред летото, пет години по „Сестрата на Зигмунд Фројд“, тринаесет години по „Разговор со Спиноза“ и петнаесет години по Вашиот првенец „Планетата на неискуството“. Тој донесе повеќе читачка тишина отколку каква било критичка врева. Сите го читаат, речиси никој сѐ уште не пишува за него. Како гледате на тоа?
Во овој контекст во кој живееме, а кој, за жал, во голема мера го дефинираат движечки сили кои се дел од „сеопштата историја на бесчесноста“ (и тоа со едно специфично значење, кое е блиско и до она кое го подразбираат расказите кои Хорхе Луис Борхес ги собира во книгата под тој наслов, „Historia universal de la infamia“, но и она друго значење, кое го објаснува Данило Киш во своето автопоетичко дело „Homo poeticus“), отсуството на критичката врева е пред сѐ благослов за пишување следни дела. Секако, благодарен сум за единствениот критички осврт, кој го напишавте токму Вие. Но, тој Ваш текст е драгоцен исклучок, кој го потврдува правилото за молкот кој, во еден ваков контекст и ваква врева, носи благослов да се пишува понатаму.
Сметате ли дека книжевната критика во Македонија е пребавна или дека, можеби, ѝ е потребно некое дефинирано минимум/максимум време? Колку брзината на реакцијата на критиката му е потребна на едно ново дело? Особено на Ваше ново дело, затоа што молкот во овој случај може да се толкува и како комплимент. Како функционира книжевната критика низ светот, наспроти нашата, домашната?
Во повеќето земји, критичките осврти следуваат непосредно по објавувањето на едно дело, а најдоцна три месеци по самата објава. Таму постои поинаква стратегија во однос на презентацијата на делата. Каталозите се печатат една година пред да излезат книгите застапени во нив, а пилот – примероци од книгите им се испраќаат на критичарите неколку месеци пред делото да биде дистрибуирано во книжарниците, така што критиките се објавуваат во исто време кога и самите дела, па читателите се запознаени со она што е тукушто отпечатено. Кај нас, како што знаеме, практиките се поинакви.
„Едност во која се среќава сѐ“
Историската зададеност во Вашите дела станува препознатливо место, самозададен творечки императив. Метафорично кажано, ја негувате како орхидеја. Зошто? Како гледате на временските, а како на географските растојанија?
Се обидувам сѐ да согледувам како да е дел од една единствена точка, и, истовремено, како да е дел од бескрај. Како сѐ да се случува во еден единствен миг, и истовремено, како секој миг да се протега во бесконечност. Во таквото поимање на просторот и времето, сѐ е овде и сѐ е насекаде, сѐ е сега и сѐ е секогаш. Секако, можете да кажете дека таквото поимање на просторот и времето е само концепт, но тоа за мене е реалност, барем во миговите на создавање на едно дело. Од друга страна, не мислам дека таквото искуство е повластица само на некој кој пишува за други времиња и простори. Верувам дека такво доживување на просторот и времето, на некаква едност во која се среќава сѐ, искусуваме сите, тоа искуство е дел од нашето секојдневие, иако не се случува секој ден.
„Враќањето на зборовите“ од една страна е роман за за Елоиза и Абелар во 12 век, од друга - за крволочноста на изборот помеѓу „да се знае“ или „да се сака“ во еден беспрекорен универзален и безвремен контекст. Бегате во минатото, се криете во него или таму најлесно се пронаоѓате себеси?
Мислам дека пишувањето никогаш не може да биде бегање или криење, туку само (само)пронаоѓање. Без разлика за кого се говори, без разлика во кој временски и просторен амбиент се одигрува едно пишано дело, тоа е едно парче од себе кое оној кој пишува му го дава на оние кои ќе го читаат.
„Пат кон преводите“: „пат“ на јазикот
Како стојат работите со „Враќањето на зборовите“ во смисла на преводи во други земји и на други јазици?
Секој роман си има свој пат кон преводите, и на тој пат може да се движи побргу или побавно. Мојот претходен роман, „Сестрата на Зигмунд Фројд“, за овие пет години стигна до тоа да може да биде читан на триесетина јазици низ светот, а во изминативе неколку месеци, потпишав договори за објавување на новиот роман на десетина јазици. Според тоа, постои веројатност дека, по пет години, и „Враќањето на зборовите“ ќе биде преведен на исто онолку јазици колку и претходниот.
Македонскиот јазик смета на Вашите романи (не се грижи за своето постоење сѐ додека вдомува вакви книжевни писма). Сметаат ли вашите романи на него? Каде се гледате себеси во јазикот на којшто пишувате?
Пред многу години, како постдипломец на Централно-европскиот универзитет во Будимпешта, го напишав мојот магистерски труд за Милан Кундера на англиски јазик, но тогаш не помислив дека романот на кој во тој миг работев („Разговор со Спиноза“) треба да го пишувам исто така на англиски. На претставувањата на моите романи во странство, честопати ми го поставуваат прашањето зошто не почнам да пишувам на некој од т.н. големи јазици. Иако тоа прашање ми го поставуваат често, јас самиот себе никогаш не сум си го поставил, во смисла со таа запрашаност да си дадам поттик да пишувам на јазик преку кој полесно и побргу ќе стигнувам до што поголем број читатели. Пишувањето е, меѓу другото, и уживање во самиот јазик, задоволство кое го носи обликувањето на цел еден свет преку зборовите, а јас најудобно се чувствувам во македонскиот јазик, и ако некогаш се случи да напишам роман на друг јазик, тоа ќе биде само краткотраен излет.
Како го замислувате вашиот идеален читател? Од каде е, колку е стар? Маж е или жена?
Да се биде идеален читател значи да се биде отворен кон светот и кон себе, да се доживеат радоста и болката на другите како свои, да се влезе во дијалог со размислите на авторот и на ликовите, и во миговите на читањето да се избрише границата меѓу себе и книгата пред себе.
Јазици, јазици...
Романите на Гоце Смилевски досега се преведени на: англиски, албански, ахмарски, арапски, босански, бразилски португалски, бугарски, чешки, хрватски, дански, фински, француски, германски, унгарски, малајаламски, хебрејски, италијански, корејски, латвиски, литвански, холандски, норвешки, полски, португалски, романски, руски, српски, словенечки, шпански, турски...
Низок прелет над „Враќањето на зборовите“
Љубовта на Елоиза и Абелар е маркантна историска вистина од 12 век на која низ времето ѝ се „смалиле“ фактите и не можејќи повеќе да се облекува во нив, израснува во некаква книжевна универзалност, раскажувачка „наметка“ за Тристани и Изолди, за професори и ученички, за безусловни љубови и жртви, за одрекувања, лишувања, престапи и злосторства сторени од страст… Недораскажлива, недоиспишлива, љубовната приказна на Елоиза и Абелар е стожерот во овој роман околу кој се врти кругот преку фиксираното раскажувачко јаже за гласот на Елоиза. Ова е јас-роман, раскажува Елоиза за себе, за својот (погрешен?) Абелар, за астролабот како единствено наследство од својот (погрешен?) татко, за синот Астралаб именуван во чест и во спомен на детската зборовна грешка при изговорот на омилениот наследен предмет-фетиш-амајлија од незнајниот татко, но и роден како општествена грешка-престап. Елоиза двапати се откажува од науката, од знаењето, од себеси: првиот пат, откажувајќи се од својот син заради Абелар, вториот пат откажувајќи се од своите морални начела ,исто така заради Абелар. Абелар е кастриран, двајцата се замонашуваат и до крајот на животот со различна фреквенција си пишуваат писма каде што зборовите се единствениот кревет за нивната страст... Целиот роман, целиот живот, Елоиза го бара, го замислува и индиректно го пресоздава својот син когошто и го наоѓа паралелно со смртта на остарениот, снеможен и покајан Абелар. Елоиза и нејзиниот син Астралаб се среќаваат во чудна ситуација: тогаш кога таа ја губи својата половина (Абелар), а Астралаб тукушто ја стекнал во својот љубовник, во своето Сѐ, именувано како Збор/Verbum! Ова грандиозно романескно финале е маестрално раскажано и до толку сеопфатно што воспоставува универзална рамнотежа и универзална (не)правда. Знаењето на Елоиза е подгазено и не ѝ користи низ животот, речиси идентично како што љубовта на Абелар е подгазена за да може целосно да се искористи (само) знаењето. Поради можноста за широка идентификација на современите читатели и многуте точки за актуелизација на состојбите од 12 век доведени во корелација со проблемите и прашањата на нашево време, овој роман на Гоце Смилевски е многу повеќе од историографска фикција. Овој роман е вистински жанровски празник.
О. Ќорвезироска
Интервјуто е преземено од магазинот Мој клуб. Во најновиот број читајте интересни содржини од областа на технологијата, мобилните телефони, интервјуа, занимливости....