Таа учи од големите мајстори на Академијата за визуелни уметности и дизајн во Утрехт, Холандија, ја усовршува мајсторијата на создавање облека на Иститутот за уметност во Чикаго, САД, комплетно создавајќи го денес веќе добро препознатливиот дизајнерски потпис. Росица Мршиќ. Со една шармантна едноставност зачинета со доволна доза на романтична женственост и авангардност, Росица создава креации кои непретенциозно ја раскажуваат нејзината творечка визија. Таа им препушта на формите, боите и уникатните кроеви да говорат сами за себе, не оптоварувајќи ги со непотребни украси, модни додатоци...
Водена од за неа својствениот минималистички пристап, каде што помалку говори повеќе, Росица Мршиќ ја создава својата пролет/ лето 2015 колекција, претставена на Модниот викенд во Скопје. Колекцијата е извонреден спој на навидум неспоивите елеганција и безгрижна лежерност, при што чистите линии се спротивставуваат на необичните геометриски форми и бои и говорат за нејзината дизајнерска суптилност, но и желба за иновативност и автентичен моден израз.
Асмитерија, контраст и униформа
Росица, како вие би ја опишале новата колекција?
Сметам дека веќе доволно темелно и детално го доловивте изгледот на новата колекција. Идејата зад секоја колекција е првично да се создаде концепт кој е нов и различен од претходниот. Овој пристап секогаш ми претставува предизвик, затоа што ми овозможува да истражувам и да дефинирам нови форми во изразувањето, како и нови силуети при креирањето на целосната колекција. Вториот важен чекор е да се дефинира рамката во која ќе се развива колекцијата, за да се задржи препознатливиот дизајнерски израз кој веќе подолго време се обраќа на својата публика, а кој треба да е нов, свеж, и во исто време практичен и удобен.
А како би ја дефинирале во три збора?
Асмитерија, контраст и униформа. Колекцијата е современа, со употреба на едноставни линии кои интригантно се прекршени и претворени во асиметрични кроеви, и е наменета да се носи од утро до вечер. Парчињата од колекцијата претставуваат одговор на потребите на секоја урбана жена која го сака индивидуалниот, неконвенционален начин на модно изразување, и која хедонистички ужива во секое парче создадено со многу внимание и посветеност. Тие се пред сѐ удобни, изработени од високо квалитетни природни материјали, ја имаат препознатливата игра на контраст, носат суптилност која се меша со женственост, а преку јасните геометриски линии покажуваат став и одлучност во изгледот.
Архитектурата со сето нејзино шаренило на геометриски форми и облици е она што постојано ве поттикнува. Но, каде на друго место мисловно „талкате“ по инспирација?
Инспирацијата за секоја колекција зависи од интересите и расположението во моментот на создавање. Постојано ги држам очите отворени и љубопитни, и тоа ми помага дополнително да истражувам и дефинирам нови идеи/концепти при создавање.
Велите дека ве привлекува традиционалната естетика, а секогаш посегнувате по храбар и смел пристап кој им пркоси на правилата и очекувањата. Имате ли свои правила во дизајнот кои не милувате да ги прекршувате?
Секогаш ме привлекува традиционалното од аспект што ми овозможува да ги прекршувам правилата и со тоа да градам сопствена естетика. Со текот на работењето низ годините, успеав да изградам правила кои строго ги почитувам и кои се одраз на мојот сложен, перфекционистички однос кон создавањето модна облека.
„Модата е одговор на стилот“
Доследноста во вашиот дизајн, како и неговата препознатливост, но во истовреме и изненадувањето и иновативноста кои со себе го носи секоја ваша нова колекција, докажуваат дека модата и стилот не мора да си противречат, ами некојпат стануваат едно, совршен спој... Како вие ја гледате релацијата помеѓу нив?
За мене модата постои само како одговор на стилот. Модата без личен печат и без идеја, односно која е само одраз на претходно дефинирани модни трендови, завршува како сезонска понуда која веќе наредната е мината и непривлечна. Модата треба да е одраз на нашите потреби, вкусови, естетики, ставови, додека стилот е тој што нѐ дефинира како индивидуи.
Убавината на вашиот дизајн ја препознаваат и надвор од границата на Македонија. Вашите колекции се продаваат во концептуални бутици во Дубаи, Виена, Софија, Лозана, што говори за постоењето на универзална убавина која ги спојува разликите... Девојката во креацијата на Росица Мршиќ е девојка со космополитски дух, жена која се познава себеси и која ужива во својата едноставност. Како вие ја „гледате“ идеалната девојка за вашите креации?
Идеалната девојка за моите креации е храбра, но и нежна, интелигентно софистицирана, љубител на фини и уметнички нешта, со секојдневна потреба за квалитетен моден изглед и индивидуално градење на стилот.
Освен на вашата интернет продавница www.rosica-mrsik.com , парчињата облека кои ги создавате од неодамна се достапни и на онлајн платформите, Nineteenth Amendment, Etnico и Young Republic. Колку е тешко македонскиот дизајн да допре до светскиот пазар?
Секој производ може да излезе од рамките на локалното. Одредено од идејата, употребниот квалитет, естетика, материјал, зависи потенцијалот на производот.
Моето искуство покажа дека прво треба темелно да се оформи производот и да се дефинира приказната што ја носи. Покрај концептот, квалитетот на изработка и материјал, тој треба да носи глобално прифатена естетска нишка за да се пласира на нови странски пазари.
Најкреативното ќоше на светот
Вашите професионални ангажмани, како и соработките со имиња надвор од границите на Македонија ви овозможуваат многу патувања. Па, кое според вас е најкреативното ќоше во светот? Каде луѓето се најподготвени за модни експерименти и кршење на модните правила?
Сметам дека на многу места во светот луѓето уживаат во носењето храбри и иновативни модни парчиња. Креативноста најмногу се чувствува во градови каде што постои мултикултурно општество, каде што разноликоста од бои и шари, придонесува за иновативни и автентични модни решенија. Најблиската географска одредница до мојот естетски сензибилитет е англиската улична мода.
Што мислите за модните блогери како нови двигатели на модната сцена?
Очекувано е да се менуваат трендовите во начините на изразување и пренесување на новините. Уличниот стил прави модата да живее надвор од модните случувања, списанија, каталози, телевизија... Ставањето личен печат во начинот на носење модни парчиња укажува на индивидуален пристап кон градење на сопствениот стил. Иако секогаш сум поборник за новото и различното, не посветувам многу внимание на работата на модните блогери. Тоа што мене ме интересира е готовиот облик и форма на самата облека, како и следење на новостите во другите области на визуелното изразување и дизајн.
Актуелна и особено интересна е новоста за вашата соработка со луксузниот синџир на продавници Macy’s. За вас ќе речат дека сте една од неколкуте индивидуални дизајнерки имиња во светот кои наскоро ќе имаат чест да се претстават на Macy’s интернет купувачот. Откријте ни повеќе за тоа...
Измината година беше во фокусот на остварување соработки со значајни американски ТВ куќи и онлајн платформи. Една од нив е соработката со платформата Nineteenth Amendment која ни отвори можност за пласирање на моите колекции во Macy’s, која треба да започне некаде од септември. Секој успех е мотив плус да се вложува уште повеќе, а оваа соработка ни покажа дека иако создаваме во мала и ограничена средина, сами сме одговорни за тоа колку и до каде ќе ги бутнеме границите на можното.
Сон за остварување
Имате ли сон кој чека да биде остварен?
О, да. Постојат многу сонови кои постојано чекаат да се станат дел од сработеното. Постојано работиме на отворање нови можности и реализирање на нови идеи/ проекти, а тоа нѐ држи да бидеме креативно будни.
Текст: Ц. Беличанска-Божиновска
Фотографии: Е. Николова-Лиере
Интервјуто е преземено од магазинот Мој клуб. Во најновиот број читајте интересни содржини од областа на технологијата, мобилните телефони, интервјуа, занимливости....