Интервју

Музика создадена од традиционални и кујнски инструменти

Деновиве македонската публика имаше можност да се запознае малку повеќе со корејската култура, благодарение на манифестацијата „Денови на корејска музика во Скопје“. Салата во МНТ беше преполна, а столчињата беа малку за оној број на луѓе кои дојдоа да ѕирнат одблизу за што се работи. Публиката уживаше во филмовите, фотографиите, а исто така и во одличниот перформанс на две познати музички групи, NANTA и Bul-se-chul.

Овие музички групи се сосема различни една од друга, но доволни се за да навлеземе во корејската музика од различни жанрови. NANTA се препознатливи преку тоа што го мешаат кулинарството со музиката, односно со помош на кујнски елементи и класични инструменти, тие создаваат музика.

За разлика од нив Bul-se-chul  музицираат на стари традиционални инструменти на кои Корејците имаат можност да  научат да свират во училиште. Сепак, тие си ја задржале љубовта кон инструментите kayageum, geomungo, tegeum, piri, hegeum, adzheng и janggu и сега преку музичко изразување успеваат да изнудат позитивни реакции меѓу луѓето.

Корејскиот јазик не ни е познат, па затоа не ни знаевме што значат имињата на групите, па решивме да ги прашаме членовите на групите.

- NANTA е збор создаден од два старо-кинески зборови, NAN и TA, кои значат динамично и удар во нешто. Токму ова име најдобро ни го опишува нашиот перформанс, изјави еден член од групата.

И потрадиционалната група исто така има име кое прекрасно ја опишува нивната музика. Всушност, Bul-se-chul е придавка која доаѓа од стар кинески јазик и значи нешто што се уште не е видено до сега, нешто извонредно, објаснуваат членовите на ансамблот.

Она што нè привлече кај „кулинарската“ група е како дошло до таа идеа. Фронтменот вели дека на почетокот тие биле во потрага по нешто универзално, кое ќе ги поврзе сите народи.

- На почеток баравме некоја идеја која ќе искомбинира нешто што е универзално и корејско. А има ли нешто поуниверзално од кулинарството? Сите ја познаваат кујната на свој начин и сите луѓе јадат. Решивме да ги додадеме и традиционалните корејски инструменти, со чија помош се создава совршено музичко не-вербално дело. Токму поради тоа сме препознатливи.

Ако ги затвориме очите слушајќи ја нивната музиката, до нас ќе допрат различни чувства. Зошто е тоа така?

- Во Кореја знаеме често да кажеме дека музиката надвладува врз духот на човекот. За тоа најдобар доказ се HUN и HAN. Знаеме дека не ви се познати овие термини, но всушност HUN е комбинација од задоволство и возбуда, додека HAN ги означува тагата и сочувството. Кога ја слушате нашата музика чувствувате и среќа и тага, но тие взаемни чувства мора да се почувствуваат бидејќи не можат да се опишат. Нашата музика е убава за слушање и за младите и за повозрасните и сметам дека токму затоа сме многу популарни, ни објаснија членовите на бендот.



NANTA се првата азиска група која успеала да настапи на Broadway. И додека нам ни се чини дека ова е еден огромен успех, тие повеќе се радуваат на тоа што имаат настапувано во над 200 градови. Сепак, Broadway и публиката им докажале дека има за што да се горди.

Додека NANTA успеале да стигнат до Broadway, Bul-se-chul сега се пробиваат на странскиот пазар. Овој ансамбл сочинет само од момци, за разлика од кулинарското шоу во кое има и девојки, се труди да ја искомбинира старата со модерната музика.



- Во училиште најпрво ги учевме ритмите, а благодарение на нив ги засакавме и инструментите. Секој од нас свири на различен стар инструмент и тоа нè прави навистина посебни во Кореја. Од музичкото искуство, научивме дека може да правиме разни комбинации. Така на пример, музиката која ја свириме всушност се стари корејски мелодии, преработени со поп или рок елементи. На овој начин публиката повеќе се забавува со песни кои веќе и се познати.

Со оглед на тоа дека NANTA и Bul-se-chul за прв пат беа во Македонија, чувствуваа страв од тоа како ќе ги прифати македонската публика. Долгиот аплауз и овациите, беа доволни за да изнудат насмевка во знак на благодарност на членовите кои настапуваа. И откако заврши нивниот перформанс, со сигурност може да кажеме дека задоволството беше обострано.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 31.10.2015 07:40:04