Во последно време гледаме сè повеќе објави на социјалните мрежи за напуштените и бездомни животинчиња, најчесто злоставувани, изгладнети или настрадани во сообраќајот, како апел за помош насочен кон оние со големи срца. Не сите имаат очи за нив. Само страсните љубители на животните знаат колку е тешко да им се помогне на овие суштества со тажни очи кои нудат безусловна љубов за оние кои се подготвени да им одвојат барем едно мало ќоше од својот живот.
ИДИВИДИ зборуваше со Венера Петковска, Претседател на Асоцијацијата на активисти за права на животните, коja е активнa веќе 5 години.
Мислите ли дека се подигнува свеста кај луѓето околу животните, особено за бездомните?
- Апсолутно. Особено последниве 5-6 години. Веќе се слуша и гласот на здруженијата.
Велат дека не постои лошо животно, туку само лош сопственик, или пак лошо искуство со луѓе – што е во случајот на бездомните животни? Колку се согласувате со ова?
- Ова е малку поширока тема на разговор. Инаку да, не постои лошо животно, сè е до воспитувањето. Бездомните кутриња во принцип бегаат од луѓе, бидејќи често се малтретирани, бркани, удирани со камења, стапови. Не велам дека понекогаш не се пројавува кај одредени единки мала агресија, но треба да имаме на ум, како е дојдено до тоа таа агресија да се јави. Треба да се знае, дека тоа се живи битиjа, со развиена свест, со чувства. И дека понекогаш агресијата е начин да се заштитат од понатамошно повредување (овде не мислам на каснување, туку на лаење, на покажување заби).
Која е вашата мисија, како здружение за заштита на животните, но и како индивидуа?
- Мисијата на нас како здружение е подигнување на свеста општо кон сите животни. Точно e дека повеќе сме сконцентрирани кон кучиња и мачиња, но тоа не значи дека не реагираме кога друго животинче има потреба. Подигнување на свест значи повеќе да се вдомуваат кутриња и мачиња, не да се купуваат. Да не се напуштаат кутрињата кои веќе имаат сопственици, како и да се стерилизираат, односно кастрираат, како маалските кутриња, така и оние кои што чуваат расни, а не се регистрирана одгледувачница.
Колку е тешко или лесно едно здружение за заштита на животните да фукнционира кај нас во Македонија?
- Немам зборови со кои можам да објаснам колку е тешко. Замислете дека ние сме некои пионери во сето ова и наидуваме на опструкции од секоја страна. Како од локалните власти, така од оние граѓани кои не сакаат општо животни, така и дел за жал од оние што ги сакаат само сопствените миленици, не и други. На тема финансии е застрашувачко. Функционираме на база на донации, кои малку ги имаме, најчесто се од наши пријатели, кои знаат колку сме посветени на оваа работа, а голем дел се плаќаат лично од нас.
Колку ви помагаат социјалните медиуми во случаите кои ги имате?
- Имаат голем удел, поготово кога дел од порталите објавуваат понекогаш прказни за помош, за вдомување, за донации. Најмногу функцонираме на Facebook и Twitter.
Колкава е стапката на вдомување и што станува со животните за кои не успевате да најдете вдомувач?
- Стапката на вдомување расте. Имаме проблем со кутрињата и мачињата кои ја немаат онаа најпосакувана боја на миленик, а тоа е бела. Исто така, потешко е за вдомување доколку животинчето е постаро, како и доколку е женско.
Тоа се категории кои потешко се вдомувааат. Ние како асоцијација од нашето формирање до денес, секое кутре / маче кое сме го земале под наша грижа ниедно, значи ниедно не сме го вратиле пак на улица. За жал, баш поради тоа остануваме со кутриња со месеци па и до година дена. Значи остануваат кај нас до вдомување. Во моментов имаме 3 кутриња кои се во пансион, каде плаќаме месечно за нив. Сите се вакцинирани, стерилизирани/кастрирани и чипирани.
Тоа се :
- Барон, кој има 10 години и е комплетно слеп, не чини 3000 денари месечно, плус храна. Веќе е во пансион 15 месеци.
- Јованка, 10 месеци, 3000 денари месечно, плус храна. Во пансион е 8 месеци.
- Уна, 4 години. 2000 денари месечно, плус храна. Во пансион е 7 месеци.
Дали сте помогнати од странски организации?
- Не.
Како овие здруженија функционраат во странство? Дали е полесно таму да ја извршуваат својата мисија отколку кај нас?
- Да. Имаат помош од локалните власти, од индивидуални месечни и годишни донации.
Каков би бил, според ваше мислење, најдобриот начин со кој би се решил проблемот со бездомните животни да не бидат жртви на улиците?
- Во моментов најдобриот начин и најхуманиот за нив е стерилизација/кастрација, вакцинација и враќање на истата локација од каде што се земени. Видете, ние сакаме да нема ниедно животинче на улиците, баш од причина затоа што се малтретирани, убивани, труени... Но, за жал, ние како здружение, а и било кое друго здружение во Македонија, немаме капацитет сите да ги прибереме, иако желбата е таа. Во Македонија нема соодветен азил.
Може ли да ни откриете ваш значаен случај со среќен крај?
- Ги имаме многу. Хектор е една прекрасна приказна. Земен од автопат, најден со 7 скршеници, чуван, негуван, опериран, рехабилитиран за 8 месеци. Тука никој не изрази желба да му даде дом, се вдоми во Германија. Веќе 4 години е таму. Жиле, кутре пукано на Шапка, хендикепиран, не ги движи задните нозе, решивме да не го успиеме. Со него поминавме 8 месеци, секојдневна нега, менување пелени, сè додека не се најдe совршена американска фамилија која го вдоми. Дакота, најдена меѓу коли, земена, чувана, негувана, веќе 2,5 месеца е вдомена во Прилеп.
Има луѓе што сакаат да им помагаат на бездомните животни, но немаат можност тоа да го направат со донација на финансиски средства. Како тие можат да ви помогнат тие на вас како организација?
- Има. И може доколку сакаат да бидат волонтери. Тоа значи дека ќе треба да помагаат околу шетање на кутриња, разнесување храна, помагање при носење на ветеринар.
Доколку некој од вас кој го чита ова сака да им помогне на напуштените животничиња на кои очајно сме им потребни, можете да ја исконтактирате Асоцијацијата на активисти за права на животните преку нивниот официјален e-mail: adoptsavedogs@gmail.com или преку нивната страна на Facebook.