Атрактивните поп диви, хрватската пејачка Северина Вучковиќ и „македонското девојче“, Каролина Гочева, оваа сабота заедно со диџејот Дејвид Моралес ќе бидат дел од големиот Телеком музички спектакл што од 20 часот ќе се одржи пред „Порта Македонија“.
Идивиди ги „улови“ Севе и Каро и покрај нивниот збиен работен распоред, а што ни изјавија прочитајте во прилог.
-Секогаш сум пресреќна кога доаѓам во Македонија, на само поради тоа што тука имаме одлични концерти, туку затоа што имам запознаено многу драги личности со кои сум се дружела и сум склопила пријателства. Тоа беа незаборавни дружења и тоа е најубавото чувство кога со убави спомени се враќаш на некое место, вели Севе.
Вучковиќ се радува на својот настап во Скопје и додава дека сите оние кои сакаат одлична забава треба да бидат дел од концертот што ќе се одржи во сабота.
-Ова ќе биде добар концерт и им честитам на организаторите кои за граѓаните направија одлична програма со повеќе изведувачи. Мислам дека тоа ќе биде најдобрата забава во целиот регион.
А што можеме да очекуваме од нејзиниот настап?
- Моето мото е „Му служиме на народот“. Во песната „Virujem u te“ пеам верувам во тебе, така да верувам во вас и во сите добри луѓе. На своите концерти ширам само љубов, исто како во животот.
Каролина, која во моментот е на врвот на топ листите со песната „Зборови немам“ инаку соработка со Дуке Бојаџиев од неодамна повторно е дел од телекомското семејство. Нејзиниот албум „Македонско девојче“ предизвика вистински бум кај публиката, за што говори и самата пејачка.
-Мислам дека ова што сега го работам е стил во кој дури изненадувачки добро се пронајдов, а реакцијата на публиката од сите генерации е уште една потврда за тоа дека сме направиле проект кој ќе остане. Веројатно е мојот најуспешен проект до сега, што секако не значи дека нема да се обидеме да го надминеме со следниот.
Дали Каролина продолжува во истиот стил?
-Постојано ми се поставува ова прашање, искрено не знам како ќе биде понатаму. Ако го слушам гласот на публиката, секако дека им должам уште еден албум од овој тип.
Од неодамна стана заштитно лице на Аvon, a можевме да ја видиме и во рекламите на Кожувчанка. Иако многумина би сакале да ја видат на модните писти, Гочева е признава дека воопшто не се гледа во таа улога.
-Никако не се гледам во модната индустрија. Доколку имав такви планови тоа требаше пред 15 години да го размислувам. Искрено, на 17, 18 години и имав некои понуди, вели таа.
Доколку сакате да уживате во музиката на Северина и Каролина, задолжително бидете дел од настанот на Телеком оваа саботна вечер.