Прекрасната канадска актерка со украинско потекло Кетрин Виник почнала да се занимава со боречки вештини од седумгодишна возраст, а црниот појас го добила на 13 години. Кетрин ја игра Лагерта во популарната серија „Викинзи“, па пред третата сезона, која може да ја гледате само на Pickbox, премиум телевизиски пакет достапен за MaxTV корисниците, ни одговори што нѐ чека и како се чувствува секој ден на снимањето каде што, наместо шминка, на нејзиното лице има кал.
Што е ново во третата сезона?
Третата сезона е дури поголема од минатата сезона. Го напаѓаме Париз. Воведуваме нови ликови и нови територии. Навистина е возбудливо, има многу различни актери што се вклучуваат на сцената. Сцените станаа поголеми. Оваа сезона дефинитивно е повеќе епска.
Што е ново за Лагерта во оваа сезона?
На крајот од втората сезона Лагерта е грофица. Таа раководи со кралството Хедеби и има огромна одговорност. Но заминува за Весекс, бидејќи го дели истиот сон со Рагнар, да се прошират и да се создадат населби. Нејзината прва вистинска љубов е да биде фармер. Значи, таа ја разбира важноста на поседувањето населби надвор од Скандинавија. Викинзите живееле во многу сурови услови и со малку храна, особено преку зимата. Со тоа тие се принудени да се прошират не само зашто имаат љубопитност за истражување туку и мораат да преживеат и да пронајдат различни извори на храна. Лагерта сфаќа дека за да напредува нејзиниот свет, потребно е таа да поседува населени места надвор од Хедеби.
Како се соочува со својот син Бјорн во процесот на станување маж?
Во третата сезона врската меѓу Лагерта и Бјорн зајакнува. Бјорн созрева и Лагерта мора да се соочи со тоа дека тој веќе не е нејзино мало синче. И тоа беше предизвикувачки и возбудливо да се одигра. Ги прашував сите мајки „дали настапува миг кога сфаќате дека син ви веќе не е ваше мало синче, туку е маж?”.
Зошто Лагерта го посетува Јасновидецот?
Ако имате прашања на кои ви требаат одговори, треба да одите кај Јасновидецот зашто тој ја гледа иднината, барем така е кажано. Лагерта сака да знае во која насока ќе ѝ оди животот. Таа сега е грофица. Единствените членови на семејството се добро, Рагнар и Бјорн. На почетокот од третата сезона таа се преиспитува себеси, но и својата цел во животот. Сака да ја знае својата судбина, дали ќе биде водач или жена. Дали ќе има уште деца? Каде треба да оди? Каде е следниот нејзин пат? И Јасновидецот помага со појаснување на тие работи.
Можете ли да ја објасните привлечноста на кралот Екберт за Лагерта?
Кралот Екберт е многу моќен човек и Лагерта е воодушевена од него. Ако ништо друго, барем е малку вчудовидена. Нема видено човек со толкава моќ и знаење. И има нешто што ја привлекува кон него. Но не сум сигурна дали таа потполно му верува. Нивната врска претрпува промена во третата сезона. Таа е слободна жена и може да прави што сака. Има нешто околу кралот Екберт. И јас мислам дека секој од нас имал некого во животот што го почитувал и го обожавал, но исто така сме се запрашале за нивните намери.
Како се справува Лагерта со смртта на Сиги?
Лагерта и Сиги имаа силна врска. И двете го имаа искусено животот што го носи статусот на жена на гроф. Таа помогна да го спаси животот на Сиги, дозволувајќи ѝ да работи за неа, но никогаш како робинка.
Мислам дека е потешко да се прифати начинот на којшто таа умира отколку фактот дека умира. Луѓето умираат постојано за време на битка или во несреќи или пак од болести. Не е ретко да се губат ликови во серијата. Но за сите дефинитивно беше шок кога разбравме како умира таа. И повеќе е значајно за приказната како таа умира, што е тешко прифатливо. Таа беше важен дел од почетното семејство и од инфраструктурата.
Која е моменталната врска меѓу Лагерта и Рагнар?
Комплицирано е. Тие се знаат долги години и заедно имаат пораснато. Меѓу нив има долга историја и луда динамика. Дефинитивно, врската има еволуирано и се има променето.
Дали имате омилена сцена во оваа сезона?
Имам две! Има една сцена што ја додаде Мајкл Хрст. Тоа е голема сцена на жртвување, во која Лагерта одржува говор на старонорвешки и жртвува животно. А јас уживав во учењето на старонорвешкиот и во добивањето шанса да зборувам на тој јазик, да направам да звучи автентично колку што е возможно. И се истура крв врз неа. Навистина не знаеме како ги извршувале нивните обреди, но можеме да замислиме дека тоа било дел од нивната култура. Паганите биле блиски со нивните богови, биле поврзани со земјата и многу приземјени.
Во втората сцена, кон крајот на сезоната, Лагерта помага при инвазијата на Париз. Има неверојатна секвенца со моите жени воини, кога се прикрадуваат низ портите на Париз. Ние сме во вода и е видлива интелигенцијата на тоа како тие би спровеле инвазија на град, а исто така и нивната стратегија на планирање битки. Исто така, мислам дека е важно да се каже дека Мајкл Хрст е извонреден писател.
Како е за вас како актерка да бидете дел од Викинзи?
Кога доаѓаш на сцената на Викинзи, навистина е Викинзи 101 (во сто чекори). Може да појдете до кој било оддел и да ја видите посветеноста на неверојатни детали, макотрпната работа да се изведе сето тоа, од дизајнот на сцената до костимите, косата, накитот, оружјето, каскадерството, сите се неверојатни во својата работа. Тоа е многу возбудливо за еден актер, кој може многу да учи.
Кои се бенефициите на снимањето во Ирска?
Не можам да замислам оваа серија да се снима на друго место. Ирска е премногу убава. А не се прекрасни само неверојатните пејзажи, и луѓето се прекрасни за соработка. Екипата се враќа таму можеби седум-осум години од снимањето на Тудори, а некои од нив дури и од снимањето на Храбро Срце. Има такво разбирање на сцената какво што нема во други серии, а сите навистина умеат да соработуваат едни со други. Навистина се чувствува како да сме семејство тука.
Со што најмногу се поистоветувате во вашиот лик?
Мислам дека се пронаоѓам во борбеноста на Лагерта, во независноста, волјата. Тоа се особини што и јас исто така ги имам развиено со тоа што растев со боречки вештини, започнувајќи училиште за боречки вештини на 16 години и проширувајќи ги во три училишта кога имав 21 година. Знам како да ја преземам контролата. Мислам дека нејзината силна волја е она во што најмногу се пронаоѓам. Го сакам тоа што Лагерта е „опасна“. Можеби и јас можам малку да бидам опасна.
Кој е вашиот омилен лик во серијата?
Не може да ме прашате тоа! Има многу неверојатни ликови. Го сакам Рагнар. Го сакам Флоки. Го сакам Ателстан. Ја сакам Лагерта, очигледно. Но искрено, во оваа серија сите актери се многу талентирани и е голема привилегија да соработувам со нив. Тие придонесуваат многу на сцената, и не можам да барам да сум со подобра група луѓе од оние што соработуваат со мене на сцената.
Што ви помага да влезете во улогата секое утро?
Мислам дека тоа е подготовката на косата, шминкањето и костимите. Потребни се околу 45 минути за косата, во зависност од тоа кој изглед е потребен. Шминкањето е лесно, само се додава прав! Па така тоа ме трансформира од Кетрин во Лагерта. И секое утро со нетрпение очекувам да влезам во улогата.
Како би ја опишале серијата Викинзи?
Тоа е драма за вистински ликови и вистински врски и за динамиката меѓу нив. Но исто така е и акциона серија. И тоа е вистинскиот пулс на Викинзи — дека се вистински луѓе што постоеле и се грижеле за себе. Лагерта не е само жена и мајка, таа е жена - воин, а сега и грофица. Јас навистина мислам дека Лагерта доаѓа на себе во третата сезона и таа поседува сопствено чувство за независност и има сопствени предизвици како жена со моќ.
Има многу повеќе одговорност а очигледно повеќе конфликти и со тоа што е жена која мора да се соочува со фактот дека мажите не ја сфаќаат сериозно и уште мора да се соочи со сопствените тешкотии. А тоа се нешта што сакам да ги играм. Сакам да ја одиграм комплексноста и ранливоста и човечкиот елемент, тоа што ги прави овие ликови вистински.
Какви предизвици треба да преброди Лагерта оваа сезона?
Почнува како грофица во Хедеби. Лагерта се чувствува како да е сигурна нејзината грофовија. Таа му го доверува своето кралство на Калф, кој е нејзина десна рака. Има историја меѓу нив двајца. Таа му помогнала тој да дојде на таа позиција. Таа чувствува дека тој е најдоверливата личност да го води кралството додека ја нема. Но тој ја предава. Еве некој кому таа му помогнала да стигне до моќна позиција и сега нејзиното кралство е узурпирано од него. Таа бара помош од Рагнар за да може да си ја врати територијата. И потоа Рагнар застанува на страната на Калф. Мислам дека тоа е навистина интересен момент за Лагерта, бидејќи нагаѓате што ќе направи следно. Во нејзината глава не е готово! Таа ќе се бори за тоа што мисли дека е легитимно нејзино. Кога немате ништо друго, мора да ја пронајдете внатрешната сила. Мислам дека Лагерта ја има пронајдено таа внатрешна сила оваа сезона!