Интервју

Строго забрането: Бистрење политика и слушање турбо фолк

Кога се во прашање рестораните, кафаните и кафулињата, Скопје е град во кој во последно време сè повеќе се следат светските модерни урбани трендови. Па така, нашиот град може да се пофали со места во кои се внесуваат несекојдневни елементи и се спојуваат навидум неспоиви концепти, па така секој локал добива одреден белег по кој е уникатен. Сите ќе се сложат дека скопскиот урбан свет е навистина квалитетен и е нешто со што можеме да се пофалиме.



Кога станува збор за спојувањето на необични концепти, еден скопски локал значајно отскокнува на тоа поле. Станува збор за „Рок Кафана Рустикана“, која веќе одамна ги напушти конвенционалните стандарди. Со „отпишување“ на народната музика од музичките правци и признавање само на рок и на одредени сродни алтернативни правци, оваа кафана стана уникатнен и сосема необичен локал, каде се ужива во добрата скара и се слушаат рок нотите и звуците на гитарата од свирките живо.


Правилник за однесување во Рок Кафана Рустикана

За овој необичен урбан концепт се зборува дури и во околните земји, а пред одредено време наидовме и на негово споменување во колумна на српскиот портал Новости.

Со цел подетално да ја запознаеме целата оваа приказна, ИДИВИДИ разговараше со сопственикот Арманд Вељан, кој активно управува со локалот.



„Рок кафана“ звучи доста несекојдневно и сосема неспоиво. Сигурно сте први кои ги соединиле овие термини. Што точно е „рок кафана“ и како луѓето реагираат кога прв пат ќе слушнат за неа?

Не сум сигурен дали сме први кои сме го искористиле овој термин, ама истиот означува баш она што кажуваат зборовите – кафана каде што се слуша рок музика. На почетокот кога го воспоставивме овој концепт и име, на луѓето им беше чудно, а на дел од нив дури и смешно и концептуално неспоиво. Но, повеќето ги заинтригира и им делуваше навистина забавно од самиот старт.

Како се роди идејата за „рок кафаната“?

Сосема случајно. Оваа кафана е во нашето семејство со прекини и промени на имињата повеќе од 20 години. Има повозрасни гости кои се сеќаваат на времињата кога на терасата имаше неколку пластични масички и столчиња, се служеа кепабчиња и пиво и, горе - долу, тоа беше тоа. Како Рустикана во септември ќе полниме 9 години и сме многу горди што толку време сме присутни на кафанската сцена.

Две години пред кафаната да го добие она „рок“ пред името Рустикана, работев во Hard Rock Cafè во Атлантик Сити во САД. Тој концепт на бургери, пиво и Џими Хендрикс, на пример, многу ми се допаѓаше и сосема се пронајдов во сето тоа, но во тоа време воопшто не ни помислив дека би можело да се направи нешто слично со нашата кафана. Но, идејата си се „готвела“ во потсвеста и еден ден излезе на површина како речиси готов производ, започнувајќи ја приказната за Рок Кафана Рустикана, онака како што повеќето сега ја знаат.

Навиките се тешки за менување. Како се одлучивте да одите на ризик да отворите локал каде што народната музика е строго забранета, па наместо тоа порцијата кебапчиња се јаде слушајќи рок?

Ризикот за тоа дали ќе профункционира овој концепт во нашето општество нормално не беше мал. Но, јас верував во мојата идеја и успеавме истата да ја реализираме како тим. Бев сигурен дека има многу луѓе во овој град кои ја сакаат и ја почитуваат кафаната како институција, но поретко ја посетуваат токму поради музиката која им се сервира таму.

Сега ми е многу мило кога гледам луѓе од најразлични профили како мезат салата со ракија или ручаат скара и пијат пиво, а истовремено слушаат блуз, чувствувајќи се сосема опуштено. Задоволството едноставно се гледа на нивните лица. Многу ме радува и фактот што пофални зборови се шират и низ соседните земји од странците кои ја искусиле нашата приказна, атмосфера и храна, а истите секако стигнуваат до нашите уши.

Рековте дека сте работеле и во Америка, поточно во Атлантик Сити. Каква е разликата во навиките и барањата помеѓу македонските и американските клиенти? Кои се полесни за опслужување?

Не може едноставно да се одговори кои се полесни за опслужување. Американските и македонските клиенти имаат сосема различно поимање за целиот процес на купување, а со тоа и одење во ресторани. Американците се водат од правилото „гостинот е секогаш во право“, кое често и знаат да го злоупотребат. Од тој аспект, кај нас е полесно да се разберете со повеќето гости.

Но, од друга страна Американците немаат проблем со цените, кога на ред ќе стапи плаќањето. Тие знаат дека штом одат во ресторан, ќе платат неколкукратно повеќе отколку кога храната би си ја подготвиле дома, што кај нас доста често знае да биде проблем. Во принцип, тешкотијата во опслужувањето на клиентите има повеќе индивидуална природа, отколку што може да се сведе на националните навики.

Дали пивото е и официјално најконсумиран пијалак и дали е голема разликата помеѓу неговата летна и зимска консумација? Кои пијалаци повеќе се пијат во летниот период, а кои во зимските месеци?

Секако дека има разлика во сезонската консумација. Во лето претежно се пијат пивото и шприцерот, како и по некоја ракија со салата, додека во зима шприцерот речиси и го нема, а настапува сезоната на црвеното вино. Пивото и ракијата се константни, односно отпорни на промената на временските услови, па така сметам дека пивото е најконсумиран пијалак, а ракијата е веднаш позади него со популарноста.



Покрај уникатниот спој, со што ги правите вашите гости најзадоволни?

Пред сè би ги издвоил живите свирки, кои се јавија како природен производ на нашиот концепт и раст. Петочниот afterwork, како и петочните и саботните вечери се полни со луѓе кои уживаат во атмосферата која се создава со добрата музика свирена во живо.

Но, сето ова немаше да биде доволно доколку немавме одлична основа – а тоа е секако храната. Сите овие 20 години откако постоиме сме познати по домашните кебапчиња и плескавици кои ги подготвуваме по рецепт кој се пренесува веќе трета генерација, а откако станавме рок кафана, почнавме да подготвуваме и BBQ ребра на тексашки начин и за нив одговорно тврдам дека ми се фаворит на менито.



Сте имале ли замерки за музиката од гостите?

На почетокот, додека не се испрофилираа гостите, имаше некои со реакции од типот: „Каква е оваа музика? Ова кафана ли е или што?“ Но, со текот на времето тие луѓе сфатија дека ова место не е за нив, па така во последно време не се случило некој да реагира негативно на музичкиот избор. Среќни сме со клиентелата која ја имаме и која навистина ни ја олеснува работата со нивниот однос.

Како успешен претприемач во угостителството, сметате ли дека е потребна вистинска вештина за да се испратат гостите среќни и задоволни? Имате ли усвоено одредена филозофија која е присутна позади целата приказна која ја нудите?

Се трудиме гостите да ги третираме како да ни се гости во нашиот дом и сакаме и тие да се чувствуваат така. Луѓето во кафана доаѓаат за да се опуштат, да заборават на лошиот ден или да прослават за некоја убава случка. Ние сме тука да помогнеме во тоа.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 11.07.2015 08:17:26