Интервју

Непријателството и гневот се само проекција на сопствената сенка и зло

Без разлика на тоа дали предрасудите и стереотипите кои се карактеристични за балканското тло започнуваат полека да попуштаат или не, посетата на психолог предизвикува сè поголема љубопитност меѓу луѓето.

Ви се случува ли често да се чувствувате несреќно и неисполнето без посебна причина? Да, тоа е чувство кое знае да вè нападне дури и кога сè ви е под конец и кога мислие дека ништо не ни недостасува. Токму тука произлегува потребата за разговор со психолог, кој ќе ви помогне чекор по чекор, слој по слој, да стигнете до она што ви е сокриено во потсвеста и да ја откриете причината за многу ваши конфузни чувства, реакции и појави со кои се соочувате.



На оваа тема и на некои интересни прашања кои произлегуваат од неа, ИДИВИДИ поразговара со д-р Мирослав Пендароски, универзитетски професор по психологија на МИТ-универзитетот, кој има богато долгогодишно професионално искуство со многу клиенти, а веќе 20 години успешно го води неговиот Центар за психотерапија, советување и едукација „Совршен Круг“, со практична програма за личен раст и развој на поединци и групи. Мирослав е автор на три книги: „Психологија на уметноста“, „Подбишега од која ви се плаче“ и „The personal Meaning of Dreams: A New Perspective“.

Како се случи тоа да станете психолог?

- Едноставно не знам од каде сè почна, дали од праксата или од теоријата и сега да ме прашате не знам да одговорам, иако фактички почнав со работа со луѓе по потреба. Едноставно знаев дека тука сум со мисија и дека можеби тоа е мојата мисија - да бидам овде за другите, но секако, да не заборавам и на себе си.

Кои се главните црти кои одредуваат дали една личност е психички здрава?

- Едно од најтешките прашања, исто како и кога некој ќе праша – „Што е тоа среќа?!“ Нештата кои по правило мислиме дека ги знаеме, всушност кријат во себе најдлабоки мистерии токму заради фактот дека ги потценуваме и дека се тука. Така и ова прашање крие дилеми и етички пречки. Но, еве да речеме дека психички здрава личност е онаа која адаптивно функционира оптимално во својата средина и во социјална и во културална и во духовна смисла, а тоа не оди на штета на себеси ниту на туѓа штета и како краен ефект дава единка која чувствува релативна исполнетост и носи во себе чувство на автентичност, оригиналност и реализам дури и тогаш кога има психички потешкотии. Ако сте таква единка, не берете гајле, здрави сте!



Со какви проблеми луѓето најчесто доаѓаат кај вас?

- Луѓето најчесто доаѓаат со СЕБЕ СИ дури и ако тоа е нивниот најголем проблем, а најчесто Е! Сепак, луѓето се многу повеќе од проблеми!

Како се разликува потребата од психолог и потребата од психијатар?

- Исто како што се разликува потребата од стоматолог и забен техничар. Кај едниот одиме за детална поправка, а кај другиот за добивање на ефект и естетика. Се шегувам! Иако многу луѓе сметаат дека ние сме оние вторите оти даваме малку сјај и ништо повеќе, но не е баш така. Потребата за психолог подразбира похолистички димензии на себе-согледувањето, т.е. луѓето доаѓаат на психолог не само поради проблемите туку и кога се прашуваат – „Кој сум јас?!“; „Што сакам од животот?!“; „Има ли смисла моево постоење?!“ и сл. Значи, цел широк дијапазон на егзистенцијални, морални, духовни и когнтивни прашања кои се многу повеќе од симптомите на анксиозноста, кои патем се страшни, но во крајна инстанца се произлезени од широката социо-психолошка матрица на битието на оној кој страда.

Дали македонскиот менталитет го напушта стереотипот поради кој посетата на психолог се смета за „срамна“ работа?

- Помладите да, а оние другите уште ве гледаат , знаете, “онака”...



На која возраст најчесто се јавува потребата кај луѓето за себеспознавање и работа на себе?

- Сметам дека човекот уште со развојот на свеста, некаде околу 3-та година веќе се интересира што (не)е во ред со него. Скраја било, но и ние како јазичарите ќе почнеме да тврдиме дека личен развој е потребен уште од првата година на животот. Но, се разбира, во потесна смисла, овој интерес се јавува некаде во/после адолесценцијата.

Како изгледа една ваша просечна сеанса?

- Не знам, секогаш е различна затоа што луѓето се такви, различни. Генерално, секогаш е полна со мистерии, страв, возбуда, неизвесност и она кое ќе се појави.

Би сакале ли да издвоите некој интересен случај со клиент кој ви оставил најсилен впечаток?

- Иако знам дека звучи како холивудска фраза, но навистина сите клиенти оставаат најсилен впечаток. Тешко е да се издвои, а освен тоа тука е и фактот дека во оваа професија се работи со живи луѓе со интегритет и не е етички да се зборува за случаи, а згора на сè за „најдобриот“ меѓу нив. Како и да е, кога ќе бидам многу стар, побелен и слаб (стереотип за психотерапевт/психолог), веројатно ќе напишам книга со case studies по примерот на американските мудреци.

Што најмногу ве фасцинира кај психата на луѓето?

-СÈ! Освен она што не можам и не знам да го видам!

 

Дали психата може да го надвладее телото и колку може да биде силна моќта на умот?

-Ме враќате на вечната позитивистичка дилема која ја мразам - Кој е постар? Кој е прв?

Таа парадигма верува во двојство – Душа и Тело, а јас сум холист, органицист, хуманист и верувам дека тие се едно - какво и да е и колку и да е внатре разногласно, разнообразно и еклектично! Ајде да речеме дека си служат еден на друг кога си требаат, некогаш се караат ама не можат еден без друг, нешто како мажот и жената.

Може ли со психотерапија да се излечат некои органски болести на телото?

- Се разбира, доколку органското нарушување е предизвикано од менталното. Обратниот случај не е забележан.

Кои карактеристики кај луѓето ги сметате за највредни, а кои за најдеструктивни за нивната душевна состојба?

- Мислам дека човекот е тоа (човек) само ако е автентичен, оригинален, свој, посебен, верен на себеси (но не по секоја цена!), си го гледа својот живот, не е напорен и го прифаќа сето она кое доаѓа. Високо ја ценам доследноста, упорноста и трпеливоста, како и флексибилноста и прифаќањето на инаквото. Отсекогаш ме нервирале луѓе кои се мешале во туѓи животи, биле непријателски кон другите и имале чувство на завист и омраза. Сметам дека непријателството и гневот кон сè и сешто се само проекција на сопствената сенка и зло и го уништуваат човекот на крајот, иако за жал како колатерална штета уништуваат и многу невини луѓе во околината! Секако, погубно е потиснувањето на емоциите и нивната внатрешна имплозија.



Како гледате на соништата? Дали треба да им обрнуваме внимание или тие се само неважни неповрзани слики кои ни се појавуваат додека спиеме?

- Да го цитираме Фројд – „Неодгатнатите соништа се како неотворени писма“!

Замислете да сте добиле писмо и никогаш да не сте го отвориле. Само неуките психолози и немарните интелектуалци ги туркаат под чергиче вистините спакувани во сценаријата наречени сни!

Сексуалните соништа знаат навистина да нè засрамат. Дали тие означуваат недостаток од секс или нешто сосема друго?

-Токму така! Заради тоа што ни станува јасно колку сме се оддалечиле од својата природа. Порано луѓето се срамеа дека ќе се дознае дека многу мислиме на секс, штом го сонуваме, а сега е обратно - се срамиме дека ќе сфатат колку сме далеку од него и очајно ни треба. Како што се вели, гладна кокошка просо сонува!

Да, факт е дека понекогаш значат недостаток на сонуваното, но понекогаш напросто се само манифестна содржина која во себе носи низа други скриени пораки трансформирани во сексуални симболи. Луѓето не сакаат или не знаат дека змијата понекогаш значи и мудрост, зло или лек, а не само она што Фројд го кажал - фалус. Како што и самиот еднаш одамна рекол – понекогаш и пурата е само – цигара !



Од гледна точка на психолог, колкава е според вас важноста на сексот за менталното здравје на една личност, но и за квалитетот на односот помеѓу двајца партнери?

- Голема, пардон, неоходна, пардон – ЕСЕНЦИЈАЛНА. Ете, тоа е зборот!

Од сите ваши клиенти и нивните различни приказни, можете ли да издвоите каде најмногу грешат луѓето во нивното секојдневие?

- ДА, што не си го слушаат срцето и внатрешниот глас и се сеќаваат на тоа кога е веќе доцна!

Постојат многу луѓе кои од различни причини не се нафаќаат да посетат психолог, иако сакаат. Што би им препорачале на нив?

- Да се нафатат! Се шегувам... Ги разбирам, што ќе ни се психолози кога самите сè си знаеме?! Просто, им препорачувам да дојдат доколку срцето така им вели и доколку дојдат со отворена душа. Ако не, за нив има и други „спортови”.





Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 30.05.2015 09:56:59